Во соработка со Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), започна кампањата „Лобирање во Северна Македонија“, чија цел е подигање на јавната свест за значењето на транспарентното и законско лобирање, како и информирање и едукација на јавноста за улогата на лобирањето во демократските процеси.
Под слоганот „Лобирај, Промени, Транспарентно, По закон“, кампањата го истакнува лобирањето како легитимен и значаен дел од демократското креирање политики – кога тоа се спроведува на регулиран, етички и транспарентен начин. Оваа иницијатива го зголемува разбирањето на процесите за донесување одлуки и ја зајакнува отчетноста и довербата во институциите.
Во рамки на кампањата ќе се организираат тркалезни масиза да се подигне јавната свест кај чинителите од приватниот сектор, институциите на централно и локално ниво, граѓанскиот сектор и медиумите за транспарентните и етичките практики на лобирање, и да се промовира усогласеноста со законската рамка која ги регулира активностите на лобирање во Северна Македонија. Дополнително, подготвени се и јавно достапни информативни видео материјали, кои на едноставен и разбирлив начин го објаснуваат концептот на лобирање, неговата важност, како и предизвиците поврзани со транспарентноста и спречувањето на недозволено влијание.
Видео материјалите се достапни на македонски и албански јазик.






