
Заедно за детските права – слушаме, разговараме, дејствуваме!
На 1 октомври, се одржа Третиот Форум на импулси „Заедно за детските права“, кој собра 96 учесници – деца, претставници на институции, претставници од UNICEF, КСЗД, Народниот правобранител, министерства, градинки, основни и средни училишта. Форумот го отворија г. Ѓоко Велковски, Министер за социјална политика, демографија и млади, и г-ѓа Васка Бајрамовска-Мустафа, државен советник во канцеларијата на Народниот правобранител, со пораки за важноста на заедничката работа и активното учество на децата во процесите што ги засегаат. Потоа зборувавме, споделувавме искуства и заеднички размислувавме за следните чекори. Во трите работилници разговаравме за: превенција на насилството врз деца и работа со деца; Кампањата „1 од 5“ и превенцијата на сексуалното насилство врз деца; Европската гаранција за децата и важноста на меѓусекторската соработка. А најважно – децата беа дел од разговорот. Нивните мислења, искуства и идеи беа слушнати и внесени во дискусијата за тоа што можеме да направиме подобро. Форумот го заокруживме со заедничка дискусија „Од препораки до заедничка акција“. Затоа што детските права не се само тема за разговор. Тие се заедничка одговорност – и бараат заедничка акција.