Имавме ретка прилика да дознаеме повеќе за светот на меѓународната полициска соработка, разговарајќи со господинот Матјаж Јеркиќ, помошник директор на криминалистичката полиција во Словенија. Со големо искуство во службата за криминалистичка истрага, тој допринесува кон силната посветеност во борбата против организираниот криминал и ја надгледува централната координација на операциите во рамките на словенечката криминалистичка полиција. Нашиот разговор следуваше по Обуката за заштита на сведоци, одржана во соработка со неговите македонски колеги од Министерството за внатрешни работи (МВР) и од Јавното обвинителство, а организирана од Компонента 2.
Со оглед на чувствителноста и доверливоста на опфатените теми, ваквите работни состаноци често се водат како доверливи и се откриваат ограничени информации. Сепак, за време на дискусијата со господинот Јеркиќ, успеавме да ѕирнеме под површината на овие интригантни теми и да откриеме која е нивната суштина.
„Кога претставници од различни полициски структури и од јавното обвинителство организираат вакви средби, разговорот е директен и многу отворен. Дискусиите се базираат на практични искуства и не можеме да откриеме детали и особености на пошироката публика. Споделуваме искуства кои можат да доведат до подобрување на практиките и учење на нови техники во борбата против организираниот криминал. Според мене, искрениот разговор и довербата се од клучно значење“, објасни господинот Јеркиќ.
Главната цел на обуката беше да се претстави словенечката програма за заштита на сведоци и да се разговара за Програмата и единицата за заштита на сведоци во МВР во Северна Македонија и што може да се направи за да се подобри нејзиното работење. Програмата за заштита на сведоци им беше претставена на јавните обвинители користејќи практични примери од Словенија, давајќи нова перспектива на темата.
„Свесни сме за значењето на унифицираните стандарди во борбата против меѓународниот организиран криминал. Примената на истите стандарди е од големо значење за да нема разлика во откривањето и истрагата на кривични дела меѓу неколку земји. Оттука, оценувам дека денешната средба беше исклучително важна бидејќи ги презентиравме позитивните искуства во спроведувањето на програмата за заштита на сведоци“, заклучи господин Јеркиќ.






